За нас

Минхенската парохија

 

Македонската заедница во Јужна Германија има повеќе од петдецениско постоење. Првиот значителен бран на доселување на Македонци во регионот започна кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години. Во тоа време, многу наши сограѓани заминаа во Западна Европа и други делови од светот во потрага по подобар живот и работа. Со нивното доаѓање, се роди силна потреба за обединување, што доведе до создавање на бројни македонски здруженија и организации, со цел да се зачуваат културните и традиционалните вредности од татковината.
 

Во првите години, црковниот живот сѐ уште беше неорганизиран, сѐ до 80-тите и раните 90-ти години, кога се појави желбата за формирање на сопствени црковни општини. Со независноста на Република Македонија, црковниот живот се интензивираше, а потребата од редовни богослужби стануваше поочигледна. Така, поголемиот дел од нашите црковни општини во Јужна Германија беа основани во почетокот на 90-тите години. Денес во Баварија и Баден-Виртемберг постојат шест активни црковни општини, кои од 1996 до септември 2024 година беа дел од Минхенската парохија: Св. Троица - Минхен, Св. Никола - Инголштад, Св. Атанасиј - Нирнберг, Св. Димитриј - Ален, Св. Кирил и Методиј - Штутгард, Пресвета Богородица - Синделфинден-Беблинген. Согласно промените од септември 2024 година, Минхенската парохија денес ги опфаќа црковните општини во Минхен, Инголштад и Нирнберг, додека црковните општини во Баден-Виртемберг преминаа под надлежност на друг свештеник.
 

Минхенската парохија досега била водена од тројца свештеници: отец Мирко Пешовски (1997-2002), отец Александар Ристевски (2002-2007) и од јануари 2007 година, отец Миле Велјановски, кој парохиската должност ја извршува до денес. Од 2015 година сведочиме на трет бран на иселување на Македонци, за кои нашата црква, Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, претставува суштински дел од нивниот идентитет. Иако точната бројка на верници не е позната, се проценува дека таа е помеѓу 15.000 и 20.000 лица во Јужна Германија.

Формирањето на црковната општина во Минхен започна уште во 1986 година, кога Македонци од Минхен и околината формираа иницијативен одбор. Во координација со свештеници кои привремено доаѓаа, тие си поставија цел да ги обединат сите Македонци од регионот, со цел основање на црковна општина и наоѓање храм за одржување богослужби. Во краток рок, одборот успеа да допре до значителен број Македонци и да обезбеди гостинско користење на католичката црква Света Маргарита (прав. Света Марина) за нивните богослужби. Со создавањето на основните предуслови, на 18 јануари 1987 година, се одржа првата богослужба, предводена од отец Петар Јорданов, што го означи почетокот на континуираниот црковен живот во Минхен.

 

Една година подоцна, на 11 април 1988 година, иницијативниот одбор повторно се состана и одлучи да побара дозвола од Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија за официјално формирање на црковна општина под името „Света Троица“. Црковната општина беше официјално регистрирана во јануари 1990 година пред надлежните судски власти. Црковната заедница продолжи да постои, првично раководена од свештеници од Македонија, сè до 1 јануари 1997 година, кога првиот постојан парохиски свештеник, отец Мирко Пешовски, ја презеде својата должност.

 

Денес, нашите богослужби се одржуваат секоја недела во храмот Света Троица. Идните планови на нашата црковна општина вклучуваат стекнување или обезбедување на сопствен храм, за што веќе се водат интензивни преговори. Свештеникот од јули 2023 година е член на Православната свештеничка конференција во Минхен. Оваа конференција, на која учествуваат сите православни свештеници од различните локални цркви во Минхен, е дел од Православната епископска конференција во Германија (ОБКД). 

МПЦО Света Троица - Минхен

Почитувани верници, 

 

вашите доброволни прилози можете да ги уплатите на следнава банкова сметка, а тоа најдобро преку месечна уплата со
Dauerauftrag или со пополнување SEPA-Lastschriftmandat.

 

Mazedonische Orthodoxe Kirchengemeinde Sv. Troica e.V.
IBAN: DE30 7025 0150 0950 0047 05
BIC: BYLADEM1KMS

 

Ви благодариме! Христос помеѓу нас!

Wir benötigen Ihre Zustimmung zum Laden der Übersetzungen

Wir nutzen einen Drittanbieter-Service, um den Inhalt der Website zu übersetzen, der möglicherweise Daten über Ihre Aktivitäten sammelt. Bitte überprüfen Sie die Details in der Datenschutzerklärung und akzeptieren Sie den Dienst, um die Übersetzungen zu sehen.